ИНТЕРВЈУ:
Паулина Трохимиак

Паулина Трохимиак е нашата нова практикантка која два месеци ќе помине во Кнауф Македонија преку програма на студентската невладина ИАЕСТЕ, меѓународна асоцијација која речиси еден век е активна на ова поле – ги зближува фирмите и институциите со сегашните студенти – но и можеби идни вработени и соработници.

Кнауф во Македонија со години наназад има убава соработка со локалната ИАЕСТЕ организација, па така дел од нашиот тим во Македонија беа студенти од Германија, Швајцарија, Хонг Конг итн.

 

Зошто ја одбравте Македонија како земја каде ќе отидете на практична работа за стручно усовршување?

За нас Пољаците Македонија не е многу позната земја – верувам дека некои мои сонародници не би ни знаеле да кажат каде точно се наоѓа Македонија. Знам дека некои Пољаци направиле мал одмор тука, можеби во комбинација со некоја друга земја во регионот. Многумина во Полска ме прашаа истото – зошто Македонија? Освен поради практичниот дел ми се допаѓа овде природата и пријателски настроените луѓе – членовите на ИАЕСТЕ овде постојано ни организираат активности и затоа тука се чувствуваме како дома, иако сме во странство.

За мене целиот пакет делуваше примамливо – посебно зашто сакав практична работа во фирма, а не на универзитет, а имав некакви сознанија за фирмата Кнауф.Знам дека Кнауф има канцеларии и фабрики во Полска, а знам и некој од нивните производи. За мене фирмите кои произведуваат градежни материјали се интересни бидејќи имаат насочени канали за комуникација со нивните целни групи. Фирмите како Кнауф комуницираат и со клиенти кои не купуваат Кнауф често, или секој ден, како леб на пример, но кога треба нешто да градат или реновираат мора да потрошат повеќе пари одеднаш. Затоа сакам да дознаам повеќе за односот и комуникацијата на Кнауф со ваков тип клиенти.

Што интересно можеше да видиш и да научиш во Кнауф Македонија?

Имам можност да ѕирнам внатре во организациската поставеност на фирмата и тоа ми е многу интересно. Имам план за активности низ сите оддели во фирмата а се радувам и на престојот во Дебар каде ќе видам од прва рака како изгледа практичниот дел односно самото производство на плочи, малтери, глет маси, профили. Слушнав и дека Дебар е многу живописен па се радувам за мојот престој таму.

Ми се допаѓа односот на вработените кон мене – директен и пријателски. Сите се отворени да споделат се што знаат за работата и тоа што тие го познаваат најмногу. Имав можност да бидам дел од активностите на продажниот тим и бев дел од повеќе состаноци со изведувачи и инвеститори. Исто така имав неколку задачи од одделот за човечки ресурси. Од сите сектори најинтересни ми се активностите во маркетинг делот. Јас студирам менаџмент и посебно овие маркетинг предмети ми се најблиски до срцето. Задачите што ми беа дадени во овој дел ми беа најкреативни.Важни ми беа сознанијата за тоа како се планираат активностите на годишно ниво, за изборот на каналите за информација, за градењето и одржувањето на имиџот на брендот на Кнауф итн.

Какви впечатоци ќе понесеш за Скопје, Македонија и луѓето што живеат тука?

Мислев дека Скопје е поголем град, како Варшава, но сепак имам чувство дека сум во мал град. Често пешачам или возам велосипед, ретко одам со јавен превоз. Сообраќајот е хаотичен и тоа не ми се допаѓа морам да бидам искрена :)

Овде животот се одвива надвор преку лето, приватни средби но и состаноци се водат во кафулиња и ресторани. Целата комуникација како да се одвива преку кафулињата и „кафаните“ па често не може да се најде место во текот на денот и ноќта!

Ми се допаѓа центарот на Скопје иако читав и пред да дојдам дека центарот е натрупан со кич елементи. За мене е тоа сепак нешто поинакво. Но сепак повеќе ми се допаднаа Охрид и Галичник. Бев на галичката свадба и се воодушевив бидејќи и во Полска бев член на фолклорно друштво каде танцував. Во Галичник имав чувство дека сум дел од свадбата, толку блиску до сите настани – неверојатно искуство. Се радувам што локалните жители ги зачувале сите тие обичаи и носии. А за Охрид...мислам дека сум во рајот таму :) Диви плажи, прекрасни глетки на планини. Тешко ми доаѓаат зборови да го опишам тоа место: стари цркви, свежа храна, патувања со кајче, зајдисонца, а навечер убави места за забава. Највпечатливи ми беа местата кои пуштаат македонска музика – веќе научив и за Тоше, Калиопи...

Од храната најмногу ми се допаѓа шопска салата, тавче гравче, бурек, пастрмајлија, трилече, падобранци и секако начинот како се подготвува рибата во Охрид.

Би ги препорачала ли Кнауф и Македонија на твоите колеги и сонародници во Полска?

Се разбира – ова е супер можност за еден студент да види како функционира еден бизнис во реалноста. Мислам дека градежната индустрија има специфична задача како да се дојде до своите групи на клиенти и затоа се радувам што имав можност да го видам сето ова. На крајот на краевите водење на компанија е доста комплексна работа, тоа го проучувам и на моите студии и сум среќна што можев да видам еден пример како Кнауф овде во Македонија.