ЕКСПО 2020 Дубаи

Во светот кој се преврте наопаку во последните две години, како од пандемијата, така и од немирите, еколошките катастрофи, прекинати ланци на набавка, приказната на ЕКСПО 2020 Дубаи е една светла епизода во човештвото. Експо 2020 е најголемото светско шоу кое се одржува на секои 5 години, а оваа година се одржува со една година задоцнување поради светската здравствена криза. Ова издание е посветено на комуникацијата, излекувањето и градењето на подобар свет. Последното издание се оджра во Милано во 2015 година а следното, по Дубаи ќе се одржи во Осака, Јапонија во 2025 година.

 

Официјалната тема на ова издание на ЕКСПО е „Да ги поврземе умовите, да создадеме иднина“ со под-теми како што е одржливоста, мобилноста и можностите за развој. Настанот трае 6 месеци, се до Март 2022 и во истото градот Дубаи има вложено милијарди, не милиони евра! Освен централните павиљони кои ќе останат да постојат и после завршувањето на Експо, во оваа локација се направени и рекордни 191 павиљон на земјите учеснички, повеќето привремени, наменски кои иако изгледаат спектакуларно, ќе се растурат по завршувањето на Експо.

 

Секако за очекување беше дека најдраматичен павиљон ќе биде тој на земјата домаќин – Обединетите Арапски Емирати, дизајнирано од ѕвездата меѓу архитектите Сантијаго Калатрава. Инспирирано од крилото на соколот, симболот на целиот регион е изградено од карбон-фибер крилца кои се отвораат создавајќи чувство на откритие на внатрешноста и потсетувајќи на прегратки со иднината и отворањето кон светот. Секако ова помага и соларните панели вградени на нив да се исчистат во случај на песочни бури.

 

Експо е шанса да му се раскаже на светот приказна за секоја од земјите учеснички, покажувајќи ги нивните производи, можности и порака за добредојде на идните туристи, инвеститори и добронамерници, на позитивен и конструктивен начин. За разлика од пред 5 години во Милано, Македонија е тука присутна но повеќе симболично во стилот „важно е да се учествува“, се гледа дека овој настан сеуште не е прифатен кај македонските влади како своевидни олимписки игри на науката, развојот, достигнувањата во општеството. И самиот Калатрава изјави дека ЕКСПО изложбите се извонредна шанса земјите да се покажат во своето најдобро светло пред светот.

 

Импозантните порти на влез на комплексот на Експо 2020 се дизајнирани од Асиф Кан, дизајнер базиран во Лондон. Направени се од карбон-фибер во еден шаблон кој беше решаван од инженери специјализирани за производство на авиони, а и делумно произведени од роботи. Потсетуваат на старата арапска Машрабија плетка. Ова е своевиден пример како истражувајќи го минатото а гледајќи во иднината може да се создадат вакви неверојатни дела.

 

Роберт Смилески