Кнауф решенија за акустика во новата Филхармонија

Над 200 архитекти и професионалци од инженерската фела од Македонија и од регионот присуствуваа на вчерашната промоција на Кнауф решенијата за акустика вградени во новиот објект на Македонската Филхармонија во Скопје. Настанот е дел од регионалната кампања “Room for Expression”, која има за цел подигaње на свеста за придобивките од добра и квалитетна акустика во објектите.

 

По разгледувањето на новото здание на Македонската Филхармонија, следеше стручна презентација на реализираните изведбени работи. Приказната за создавањето на врвниот објект на беше раскажана од главниот акустичар Миомир Мијиќ, професор на Електротехничкиот факултет при Универзитетот во Белград. Во своето обраќање тој посочи дека уште на самиот почеток со употреба на напредна софтверска програма се проектирани сите параметри што ја формираат дефиницијата за добра акустика на одреден објект. Краен резултат на неколкугодишната напорна работа е добиениот квалитет на звук во големата сала на Македонската Филхармонија, кој може да се спореди со врвната акустика на трите најрепрезентативни филхармониски сали во светот.

 

Подробни информации за самиот објект и неговите просторни содржини изнесе српскиот архитект Зоран Гаковиќ, претставник од австриската компанија Штрабаг АГ – главен изведувач на објектот. Тој го раскажа текот на изведбата на Македонската Филхармонија и сите пропратни предизвици. Особено внимание предизвика обраќањето на Александар Докмановиќ од фирмата Mezosystem, кој се осврна на изведбата на ентериерот во големата и малата сала на Македонската Филхармонија.

 

Докмановиќ истакна дека проектирањето и изведбата на ентериерот во објектот се уникатни, бидејќи се соочиле со фактот дека ќе треба да изберат посебна изведба на плафонски и ѕидни панели, што не е возможно да се најде во сериско производство. По долготрајни испитувања, во соработка со надзорот на градежните работи, се одлучиле да употребат фурнирана Knauf Vidiwall високоимпрегнираната гипс-фазер плоча. „Суштината е дека испроектиравме панел, кој всушност е сендвич панел со две Vidiwall плочи со вкупна тежина од околу 34,7 килограми“ објасни Докмановиќ.

 

Употребените Кнауф плочи се произведени во Кнауф фабриката во бугарскиот град Видин. Со специјални лепаци, оформено е системско решение од Knauf Vidiwall плочите и дрвен фурнир како облога на панелот, кој обезбедува врвна акустика на двете сали и впечатлив ентериерен дизајн. При објаснувањето на ѕидните и плафонските облоги, Докмановиќ се осврна и на високата безбедност на решението за плафонот во големата сала на Македонска Филхармонија, тежок 30 тони. „При изведбата на панелите во објектот, во моментот кога беа завршени 70% од работите, во Скопје се случи земјотрес со јачина од 5,6 степени, и ниту еден од панелите во објектот не се оштети“ посочи тој.

 

Блажен Зотовски од Кнауф им се заблагодари за присуството на бројните архитекти и инженери од земјава и од регионот. Тој нагласи дека со кампањата “Room for Expression” се отвора потребата од соработка меѓу архитектите и акустичарите. “Room for Expression е наше ветување, ветување на Кнауф , дека секогаш ќе имате одврзани раце, во било кој и било каков дизајн на Вашите проекти да имплементирате соодветна акустика, која ќе ги прати Вашите идеи и современи форми на просторот“ рече Зотовски.

 

По исцрпната презентација, бројните гости можеа и практично да ја почувствуваат врвната акустика на големата сала на Македонската Филхармонија – сите заедно како слушатели уживаа во симфонискиот концерт „Нинг Фенг се враќа“, кој воедно беше и завршен настан на Македонската Филхармонија за сезоната 2017/18.