Проект на ЕУ ја потврди безбедноста на лесната челична конструкција во случај на земјотрес

Лесна конструкција значи безбедна градба!

 

Истражувачкиот проект на Европската унија со име „ELISSA“, во кој учествуваше и Кнауф, во соработка со швајцарската фирма Cocoon, имаше за цел да развие и тестира лесни челични конструкции, придржувајќи се до принципите на безбедност, одржливост и енергетска ефикасност. Фокусот на истражувањето особено беше насочен кон сеизмичката безбедност на објектите изведени со ваква конструкција.

 

На глобално ниво, повеќе од 1.500 земјотреси со магнитуда од 5 или повеќе степени според Рихтеровата скала се регистрираат секоја година. Земјотреси со оваа јачина предизвикуваат големи штети и уништување. Ова е причината зошто безбедноста на објектите има врвен приоритет во сеизмички активните региони. Но спротивно на вкоренетото верување, лесните и флексибилни конструкции всушност обезбедуваат извонредно ниво на заштита во случај на земјотрес. Одличен пример за тоа е лесната челична конструкција развиена во партнерство помеѓу Кнауф и Cocoon, а која беше испитувана во рамките на ELISSA проектот.

 

За потребите на ELISSA, Универзитетот во Наполи изведе серија тестирања врз модел на двокатна куќа изградена со лесната челична конструкција на Кнауф и Cocoon. Како референца за симулација на потресите беше користен земјотресот кој ја погоди Л’Аквила и централна Италија на 6 април 2009 година. Со интензитет од 9 степени според Меркалиевата скала и магнитуда од 6 степени според Рихтеровата скала, овој земјотрес предизвика значителни штети.

 

Во сите тестови, нашата куќа дизајнирана со лесна челична конструкција покажа одлични асеизмички карактеристики. Според резултатите од испитувањето, куќата може да биде подложена на осцилации 1,5 пати поголеми од земјотресот во Л’Аквила, без видливо оштетување на градежните компоненти. Покрај тоа, објектите изведени со лесната челична конструкција на Кнауф и Cocoon импресионираат со својата противпожарна безбедност, звучна и топлинска изолација.